Македонија е трета европска држава по остварениот раст на економијата во вториот квартал од оваа година. Споредбените податоци покажуваат дека од сите земји во Европа, најголем раст на бруто домашниот производ во второто тримесечје од оваа година постигнала Латвија, а зад неа е Литванија. На третото место е Македонија. Сите останати се подолу на табелата, вклучувајќи ги и најразвиените европски држави како Финска, Шведска, Франција, Данска и една од најстабилните економии - Германија. Дури 10 земји покажуваат минусно економско салдо, а меѓу нив се и поранешните југословенски држави и членки на ЕУ, Хрватска со БДП од - 0,7% и Словенија со -2,2%.
Македонија е трета европска држава по остварениот раст на економијата во вториот квартал од оваа година.
Споредбените податоци покажуваат дека од сите земји во Европа, најголем раст на бруто домашниот производ во второто тримесечје од оваа година постигнала Латвија, а зад неа е Литванија. На третото место е Македонија. Сите останати се подолу на табелата, вклучувајќи ги и најразвиените европски држави како Финска, Шведска, Франција, Данска и една од најстабилните економии - Германија. Дури 10 земји покажуваат минусно економско салдо, а меѓу нив се и поранешните југословенски држави и членки на ЕУ, Хрватска со БДП од - 0,7% и Словенија со -2,2%. Освен Кипар и Грција, кои покажуваат огромни и очекувани минуси од 5,2% и 4,6%, меѓу земјите со пад на економијата се вброени и Италија, Холандија, Шпанија, Чешка, Португалија, па и Белгија со - 0,1% БДП.
Европскиот лидер според растот на економијата во вториот квартал од годинава, Латвија, регистрира позитивен БДП од 4,3%, а втората на листата, Литванија помал за само 0,1 процентен поен. Државниот завод за статистика соопшти дека во вториот квартал на годината нашата економија имала раст од 3,9% и со него таа се рангира на третото место во Европа. Следната, Швајцарија има раст на БДП од 2,1%, а останатите, чија економија покажала напредок имаат пораст на бруто домашниот производ меѓу 2,1% (Швајцарија) и 0,2% (Австрија). Финска, пак е во стагнација, со нула раст на економијата.
Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, најзаслужен сектор за остварување на стапката на раст на македонскиот БДП од 3.9% во второто тримесечје е повторно градежништвото со пораст од 33,2%. Освен во овој, статистика регистрира пораст во повеќе сектори. Во сообраќај, складирање и врски растот изнесува 7.5%, во рударството и вадењето камен, кое во текот на минатата година економијата ја носеше кон рецесија, сега има подем од 4,1%, идентично како и во секторот преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас и вода.
Анализата на Државниот завод за статистики покажува дека финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во однос на истиот период од 2012 година, номинално растеле за 3.5%. со учество во БДП од 75.9%. Раст е регистриран и кај извозот, од 1.1%, како и кај увозот, од 1.3%.
Заедно со растот на БДП од 2,9%, регистриран во првото тромесечје од годинава најновите податоци за подем на економијата и во наредните три месеци и тоа за 3.9% ги прават повеќе од реални прогнозите на Министерството за финансии, на Народна банка на Македонија, на ММФ, Светска банка и на други релевантни институции и рејтинг агенции, дека оваа, 2013 година ќе ја завршиме со бруто домашен производ зголемен за најмалку 2%.